Лајпциг конечно ја дочека својата прва победа во 2024 година откако тимот на нашиот Елиф Елмас денеска како домаќин го совлада Унион Берлин со 2-0. Откако на првите три средби годинава претрпеа исто толку порази, Елмас и соиграчите овојпат одиграа одличен меч и заслужено стигнаа до трите бода.
Триумфот беше најавен рано, откако Опенда одлично се снајде со силен удар и со помош на дирекот внесувајќи ја топката во мрежата. Лајпциг потоа доминираше до крајот на полувремето, создавајќи уште неколку шанси што останаа неискористени најмногу поради извонредните интервенции на гостинскиот голман.
Вториот гол беше постигнат на самиот почеток од второто полувреме, откако Шешко натрча на центаршутот на Раум и со глава ја смести топката во мрежата. Словенецот Шешко нешто подоцна постигна и втор гол, по бравурозната асистенција со рабона на Дани Олмо, но овој погодок беше поништен поради минимален офсајд.
Елиф Елмас влезе во игра во 77. минута, кога Лајпциг го спушти темпото и рутински ја одржуваше предноста до самиот крај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

