Интер направи џиновски чекор кон нова шампионска титула откако „нероаѕурите“ славеа на вечерашното дерби против Јувентус со 1-0, во меѓусебниот дуел на двете првопласирани екипи во Калчо-лигата. Гати со автогол и пресуди на „старата дама“ во меч во кој Интер имаше повеќе од играта, но Јувентус покажа квалитет, создаде неколку полушанси, но не успеа да најде начин да го матира Зомер.
Затворената игра на Јувентус и обидите со контранапад да се загрози Зомер не вродија со плод, најубавата можност ја имаше Влаховиќ по одличниот соло-продор на Мекени, но српскиот голгетер многу лошо ја исконтролира топката и шансата отиде во неврат. Казната стигна десетина минути подоцна, откако по една уфрлена топка од десната страна Турам тргна во петерецот следен од Гати, Французинот не стигна до топката, но таа го удри дефанзивецот на Јуве и заврши во мрежата.
Негативата придонесе гостите од Торино да ја отворат играта и се почесто да се селат во противничката половина, но добро организираната одбрана на Интер не дозволи израмнување. На спротивната страна, „нероаѕурите“ имаа неколку одлични шанси од контри и полуконтри кои не вродија со плод, откако Шчесни со неверојатни интервенции ги запре обидите на Барела и на Арнаутовиќ. Интер сепак ја задржа минималната предност до самиот крај, за огромни три бода и еуфорија меѓу домашните навивачи на „Џузепе Меаца“.
Тимот на Симоне Инзаги по денешниот триумф има четири бода предност во однос на Јувентус, но и меч помалку во однос на „старата дама“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА