За фудбалерите на Скопје заврши зимскиот преоден рок. Во вториот дел од првенството на единствената Втора лига на Македонија ќе стартуваат со шет нови играчи и сигурни се дека нема да ги повторат слабите игри и резултати како на стартот на есенската сезона.
За Скопје во зимскиот предеон рок потпишаа: Владимир Жоглев (Вардар), Димитри Кочовски (Победа), Ерјан Шуку (Арсими), Иван Пашариковски (Осогово), Кристијан Ристовски (Гостивар) и младиот голман Гоце Јовчев, инаку син на поранешниот голман на Вардар Гого Јовчев.
Клубот го напуштија само двајца фудбалери: Борјан Поповски кој замина во Беласица и Дарио Јовановски во Башкими. На крајот на есенската сезона во конкуренција на 16 клуба, Скопје е на осмото место на табелата со 21 бод, со шест победи, шест порази и три нерешени средби.
„На почетокот на есенската сезона не бевме комплетни, некои фудбалери кои играа во Првата лига си заминаа од клубот, имавме многу осцилации во играта, освен тоа и играчите кои останаа, беа депримирани по неуспехот во баражот за опстанок во прволигашкото друштво. Сето тоа придонесе да загубиме некои планирани бодови“ – вели шефот на стручниот штаб Љупчо Марковски, популарниот Калц, притоа дополнувајќи:
„Потоа во финишот ја подобривме играта, се си дојде на своето место и сега, кога ја засиливме екипата со неколку квалитетни играчи, верувам дека пролетва ќе обезбедиме многу повисок пласман на табелата. Има уште многу да се игра, па дури и баражот за Скопје не е недостижен. Мојот оптимизам се базира и на многу поповолен пролетен распоред, особено во првите пет кола во кои три средби играме во Скопје со Саса, Кожуф и Вардар Неготино, а им гостуваме на Детонит и Караорман“.
Досега Скопје одигра само две контролни средби. Загуби од Шкендија со 6-0, но на тој меч не беше комплетен и настапи само по неколку тренинзи, а потоа го победи ГФК Куманово, есенскиот првак на Третата лига Север со 2-0 со головите на Жоглев и Кочовски. До пролетниот старт Скопје ќе игра уште со Влазрими во Кичево и со косовскиот прволигаш Феризаит.
Спортскиот директор Иван Матевски и претседателот Игор Тодоровски се постојано присутни во клубот, засега според нивните зборови со помошта на Општината Гази Баба, на чело со градоначалникот Бобан Стевковски, Скопје нема финансиски проблеми, што е добар показател за успешна пролетна сезона.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА