Изборот на Виктор Вембанјама од страна на Сан Антонио како прв пик на изминатиот драфт во НБА лигата донесе големи очекувања на фановите на овој клуб кои во младиот Французин гледаат супер ѕвезда која треба да ја врати титулата дома. Но, судејќи според оваа сезона во која тимот од Тексас е на последното место во Западната конференција тоа нема да се случи наскоро.
Во интервју за американските медиуми на оваа тема говореше и тренерот Грег Попович кој направи интересна споредба со кариерите на Мајкл Џордан и Никола Јокиќ, а го спореди и Французинот со Тим Данкан.
„Знаете, очекувањата на луѓето кои немаат врска со кошарката кога ќе видат дека бирате некој како Виктор брзо растат и мислат дека сега можеме ние да скокнеме скалила. Не, потребно е време за да се изгради еден тим. Не е доволен само талент. Мајкл Џордан првата титула ја освои во седмата сезона, Никола Јокиќ само што стана шампион во осмата сезона.
Ако беше така лесно ќе имавме различни шампиони секоја година. Во последните 20 години имамe круг на тимови кои се вртат кога станува збор за ова прашање. Ние имавме успех речиси 30 години. Но, во еден момент мора да почнете од нула. Ние денеска сме на нула.
Тоа што ми е многу интересно кај Виктор е неговиот менталитет кој е како оној на Данкан. Тој е и различен од останатите млади денеска. Повеќето од нив мислат дека се знаат, но тој прифаќа совети и сака да биде трениран“, изјави Попович.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

