Првиот човек на Наполи, Аурелио Де Лаурентис признава дека направил огромна грешка што дозволил Лучијано Спалети да замине од клупата на крајот од минатата сезона.
Де Лаурентис важи за човек кој не сака никого да моли ако не сака да биде во клубот, па затоа никогаш не се обидел да го разубеди Спалети, но сега признава дека погрешил што не ја активирал клаузулата за продолжување на договорот до 2025 година.
„Само моја е одговорноста за заминувањето на Спалети. Направив голема грешка. Договорот беше добар, имав вметнато опција за продолжување на истиот па можев да ја активирам во секој момент. По трите натпревари со Милан, му пратив порака на Спалети дека ја активирам опцијата. Сите ми велеа дека не треба да го правам тоа, но јас не можев ниту да замислам дека Спалети веќе на 12. мај ќе побара од мене да го ослобдам затоа што сакал да одмори и да се врати на фармерството. Бев измамен“ – вели Де Лаурентис, притоа дополнувајќи:
„Се обвинувам себеси што му дозволив да замине. Требаше без размислување да ја активирам опцијата за продолжување на договорот и да останам верен на тоа што го потпишав. Знам дека после тоа ќе имавме судири, ќе имаше и правни спорови, но морав да останам принципиелно до крај на договорот и да не му попуштам. Сега е јасно дека веќе имал остварено контакти со репрезентацијата и знаел дека ќе ја преземе Италија, а не фармерството, но не можам да го докажам тоа. Спалети ми кажа дека е изморен, а потоа ја презема репрезентацијата, тоа за мене е контрадикторно и некоректно. Од моментот кога му дозволив на Спалети да замине следеа серија грешки па сега сме на местото на кое сме“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА