Изненадувањата на Купот на Азија продолжуваат со секој нареден натпревар, па така Катар денеска приреди уште една сензација, обезбедувајќи пласман во финалето по големата победа од 3-2 над селекцијата на Иран. Домаќините ја имаа улогата на аутсајдери на овој меч, но знаеја како да ги искористат своите шанси за разлика од Иранците и по голема битка славеа над големиот фаворит, обезбедувајќи си место во големото финале каде ќе се сретнат со селекцијата на Јордан.
А денешното полуфинале почна во знакот на Иран, откако Азмун постигна прекрасен погодок со ножички и по само неколку минути игра ги замолкна домашните навивачи. Катарците успеаја да се вратат, со многу среќа по ударот на Габер израмнија на 1-1, а потоа пред крајот на полувремето Афиф со прекрасен погодок донесе водство од 2-1 за домачините.
Иран имаше одговор и на самиот почеток од второто полувреме израмни од пенал, а потоа при 2-2 иранските фудбалери имаа неколку стопроцентни шанси што не ги искористија. Казната стигна во 82. минута, кога Али прими една топка и шутираше, Катарците мислеа дека се наоѓа во офсајд, но десниот бек остана зад катарскиот напаѓач, кој мајсторски ја затресе мрежата и ја одведе својата селекција во финалето.
Иран имаше одлична шанса за израмнување во 104. минута (се играа вкупно 16 минути продолжение во второто полувреме), но ударот заврши само во дирекот, па домаќините на крајот еуфорично го прославија пласманот во големото финале против Јордан.
🚨🚨| GOAL: ALI GIVES QATAR THE LEAD!!
Iran 2-3 Qatar pic.twitter.com/5tC8Z44env
— CentreGoals. (@centregoals) February 7, 2024
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

