МЗТ Скопје повторно е осамен на врвот на прволигашката табела откако актуелниот првак по голема борба славеше над Еуро Никел во Кавадарци со резултат 88-99, по продолжение од пет минути. „Металците“ ја оставија зад себе кризата по поразите од Пелистер и од Работнички, па на трите победи во низа во АБА2 се надоврзаа со денешниот голем триумф во „Јасмин“ над тимот што е најпријатно изненадување сезонава во мак-баскетот. Кавадарчани и денеска се покажаа во одлично светло, демонстрираа и квалитет и карактер, се изборија за продолжение, но во дополнителните пет минути немаа одговор за Војдан и за Дамјан Стојановски (вкупно пет тројки во продолжението), кои му ја донесоа победата на шампионот.
Мечот мина во интересна битка во која тимовите влегуваа во мини-серии и се менуваа во водство. Почетокот мина во знакот на кавадарчани, кои во своите редови го имаа одличниот Дубински (16 поени само во првите петнаесетина минути од мечот). Еуро Никел во неколку ситуации во втората четвртина имаа по осум поени предност, но МЗТ успеа да се врати. Пред крајот на полувремето проработе и нападот на аеродромци, кои по негативата од 38-30 постигнаа девет поени во низа и на одмор заминаа со минимално водство од 38-39.
МЗТ беше тимот што повеќе време имаше предност во второто полувреме, но кавадарчани покажаа дека се тим со карактер и успеаја да се вратат. Тие израмнија на 68-68, МЗТ се одлепи на 71-77, но тоа не беше крај на возбудувањата. Имено, иако „металците“ имаа 73-78 на 33 секунди до крајот, Еуро Никел набрзина стигна до 77-78. Домаќините беа бесни по досудениот прекршок над Ворку, но Американецот беше само еднаш прецизен од линијата за слободни фрлања, по што кавадарчани добија последен напад. Дубински беше фаулиран од Делалиќ, по што американскиот плејмејекр на Еуро Никел ги реализираше двата „пенала“ и го одведе мечот во продолжение.
Кога беше најважно, блеснаа браќата Стојановски, Војдан погоди две, а Дамјан една тројка на стартот од продолжението и „металците“ набрзина поведоа со 81-88. Домашниот тренер побара тајмаут, Смит погоди тројка, но на спротивната страна со нова тројка возврати Дамјан Стојановски, по што МЗТ рутински го приведе мечот до крај (Војдан во меѓувреме погоди уште еден шут од далечина), триумфирајќи со конечни 88-99.
Танасковиќ беше најефикасен во победничкиот состав со 23 поени и 9 скокови, Војдан Стојановски реализираше 20, а Дамјан Стојановски 11 поени. Најдобри поединци кај Еуро Никел беа Дубински со 26 поени и Смит со 17 поени, 11 скокови, две блокади и две украдени топки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА