За новиот формат на Лигата на шампионите имаше различни шпекулации во моментот кога јавно беше објавен процесот на формирање на Суперлигата. Што, како што стојат работите, сепак не успеа. Барем во формата што е замислена.
УЕФА ја доби таа битка, а иако се шпекулираше дека може да се откаже од новиот концепт на Лигата на шампионите, на денешната седница на Извршниот комитет беше потврдено дека реформираниот елитен куп, како и другите два, ќе стартуваат наесен.
Во новата ЛШ ќе играат 36 клубови, ќе има повеќе натпревари, а УЕФА го зголеми паричниот фонд за 500 милиони евра. Се проценува дека европскиот шампион од следната сезона може заедно со ТВ правата да инкасира и до 200 милиони евра.
„Поприземниот“ дел, кој би можел да ги засега и нашите клубови вели дека е зголемена и наградата за пласман во групната фаза од Лигата на шампионите. За тој резултат од есен ќе се добијат по 19 милиони евра, што е четири пати повеќе од досега.
Сепак, ќе има и намалување во една ставка, а тоа е победа во групна фаза. Таму ќе добивате „само“ 2.100 милион евра за триумф, а образложението е дека сега ќе има повеќе натпревари во групната фаза. Има и сериозни премии за минување низ етапите на натпреварувањето: за пласман во осминафиналето ќе се доделуваат 11 милиони евра, за четвртфиналето 12 милиони евра, а за полуфиналето 15 милиони евра. Клубот што ќе го загуби финалето ќе се утеши со дополнителни 20 милиони евра, а шампионот ќе добие чек од 25 милиони евра.
Тоа не е се, ќе се заработи како и досега од таканаречените акции, а вкупната сума зависи од позицијата на листата на УЕФА на сите учесници во Лигата на шампионите.
Заработката во Лигата на шампионите значително ќе ги надмине премиите во другите два европски купа. Вкупниот фонд за сите три натпреварувања е 3.317.000.000 евра, од кои 74,4 отсто ќе му припаднат на елитниот куп (2.467.000.000 евра). Клубовите кои ќе играат во Лига Европа ќе поделат 565.000.000 евра, додека оние од Конференциската лига ќе имаат за себе 285.000.000 евра.
Новиот правилник за награди ќе важи во наредните три сезони, колку што трае и новиот систем на натпреварување во Куповите на УЕФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА