Голден Стејт лесно и убедливо ја декласираше на гостински терен Филаделфија со 104-127, во еден од најслабите мечеви што Стеф Кари ги одигра во последните години во дресот на „воините“. Одличниот поентер го заврши мечот со само девет поени и една асистенција, но тоа воопшто не се одрази на резултатот бидејќи колективот на гостинскиот состав делуваше беспрекорно. Вигинс и Томпсон беа лидерите со „+41“ додека овие двајца кошаркари се наоѓаа на теренот, додека кај Филаделфија повторно се одрази отсуството на Џоел Ембид, без чија помош оваа екипа го претрпе и третиот пораз во низа.
Вигинс беше најдобар поединец со 21 поен и 10 скокови, по 18 поени за Голден Стејт постигнаа Куминга и Томпсон, додека Каунсил со 17 поени беше најефикасен во таборот на поразената Филаделфија.
Бостон уште повеќе се зацврсти на првото место на „Истокот“ откако селтикси славеа со 125-117 над Атланта. Во главна улога беше Порзингис со 31 поен, пред Вајт со 21 и Тејтум со 20 поени, за скор 39-12 и дури шест победи повеќе во однос на второпласираниот тим во Источната конференција, Кливленд кавалирс.
Мајами со фуриозен напад во последната четвртина (38-27) го скрши отпорот на Сан Антонио и стигна до победа од 116-104. Најефикасни во победничкиот тим беа Хироу со 24 и Адебајо со 20 поени, додека Вембањама оствари дабл-дабл од 18 поени и 13 скокови во таборот на Сан Антонио.
Резултати НБА:
Шарлот – Торонто 117-123, Вашингтон – Кливленд 106-114, Бостон – Атланта 125-117, Мајами – Сан Антонио 116-104, Филаделфија – Голден Стејт 104-127, ЛА Клиперс – Њу Орлеанс 106-117, Сакраменто – Детроит 120-133.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

