Лаутаро Мартинез неколку пати јавно изјавуваше дека сака да остане во Интер и не разгледува други понуди, челниците на клубот одговараа дека тој наскоро ќе потпише нов договор, но реалноста вели дека преговорите неочекувано се одолговлекоа.
Последните информации на „Газета дело спорт“ говорат дека тоа се должи на променетите услови од страна на голгетерот, кој откако увидел дека платите во светскиот фудбал вртоглаво растат побарал зголемување во однос на оние осум милиони евра годишно што ги договорил за да ја продолжи соработката со Интер. Добро познато е дека „нероаѕурите“ се наоѓаат во финансиски проблеми поради опасноста од банкрот на кинеските газди, па Интер негативно одговорил на барањето на Лаутаро за плата од 10 милиони евра годишно плус бонуси.
Понудата на Интер останува осум милиони евра по сезона, плус бонуси за одреден број на голови и освоени трофеи, но Аргентинецот засега одбива да прифати, свесен дека би добил многу повеќе пари во ПСЖ, Премиер-лигата и особено ако се реши за преселба во Саудиска Арабија.
Добро за Интер е што најдобриот стрелец има договор до јуни 2026 година, па „нероаѕурите“ не се под притисок да го продадат во текот на летниот преоден рок, но јасно е дека ќе мора што поскоро да се најде зеднички јазик или Лаутаро ќе почне уште посериозно да ги разгледува опциите за заминување од „Џузепе Меаца“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА