Александар Јовиќ пристигна на клупата на Пролет пред крајот на Супер-лигата, а долгогодишниот македонски репрезентативец имаше можност во текот на зимските подготовки уште подобро да се запознае со остатокот од екипата. Јовиќ ги виде на дело сите ракометари на четирите контролни средби на кои беа забележани една победа и три порази, но ова беа дуели во кои резултатот секако не беше толкав приоритет како што беше играта.
А Јовиќ смета дека со прикажаното е јасно дека Тинекс Пролет бележи напредок во играта во однос на првиот дел од сезоната, пред предизвиците што ќе следат во наредните неколку месеци.
„Генерално гледано јас сум задоволен од начинот на кој игравме, резултатот не беше во преден план, а она што ме радува е напредокот на секој нареден натпревар. Тука пред се мислам на одбраната, каде покажавме далеку поголема цврстина и ангажираност откако во првиот дел од сезоната. Би сакал така да продолжиме и во плејофот, да ги сведуваме на противниците на што помал број на голови. Верувам дека имаме квалитет и искуство за одбраната да биде наш заштитен знак“, вели Јовиќ.
Секогаш има простор за напредок, а кога станува збор за Тинекс Пролет тука тренерот очекува шанса да добијат, но пред се да ја заслужат оние помлади ракометари.
„Јасно е дека немаме предолга клупа и дека оние помладите треба да добијат шанса. Тоа најпрвин треба да се заслужи, а најголем простор за напредок гледам токму кај оние помладите, кои ќе бидат вклучени во првиот тим и би можеле да ни бидат од значајна помош. Сезоната е долга, има уште многу за играње и секој ќе добие шанса да ги покаже своите квалитети во дресот на Тинекс Пролет“, истакнува стратегот на скопскиот суперлигаш.
Возбудувањата во плејофот почнуваат веќе утре, со дуелот на домашен терен против Алкалоид закажан за 16 часот.
„Ќе играме против тим што е актуелен вицешампион и што и сезонава е еден од кандидатите за највисок пласман. Тие имаат квалитетни ракометари предводени од Кире Лазаров, играат брз и модерен ракомет. Мислам дека дуел со една ваква екипа ќе биде идеален тест за нашиот тим, за нашата одбрана, да видиме до каде сме со она што го работевме во изминатиот месец. Едно е сигурно, Тинекс Пролет нема да се предаде однапред без оглед на името на противникот, наше е да се бориме и да се обидеме, особено на домашен терен, да изненадиме некој од фаворитите“, порачува Александар Јовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА