Киеза и Јувентус, разделбата е на повидок

Јувентус на крајот од оваа сезона ќе остане без еден од своите најдобри фудбалери, откако преговорите со Федерико Киеза за продолжување на соработката веќе извесен период се во застој. Крилниот офанзивец е еден од најдобрите играчи на „старата дама“, но честите повреди го спречуваат да одигра неколку натпревари во низа.

Наспроти тоа, Киеза бара значително зголемување на платата за да потпише нов договор, а челниците на Јувентус немаат намера да му ја зголемат сегашната плата на фудбалерот кој пропушти повеќе од половина од натпреварите на тимот во последните две сезони. Меѓу двете страни нема „зла крв“, но и на самиот играч и на директорот Џунтоли им е јасно дека разделба би била најдобра опција и за фудбалерот и за самиот клуб.

Јувентус инсистира само на тоа, ако веќе го продаде големиот ас, тоа да биде надвор од Италија, додека Киеза од своја страна дал ветување дека нема да чека до истек на договорот за да си замине како слободен играч во 2025, туку летово ќе прифати некоја од понудите што ќе пристигнат на негова адреса.

Ливерпул веќе извесно време ја следи формата на Киеза и би можел да тргне по него ако биде продаден Салах, а се очекува понуди да пристигнат и од Тотенхем и Челси, но и од Манчестер Јунајтед.

Јувентус се надева на отштета од најмалку 60 милиони евра, па останува да се види дали заинтересираните клубови ќе се согласат да платат толкава сума пари за играч што за една година би бил достапен без никаква отштета.

Се вчитува...