Ждрепката сакаше идентично како и на стартот од Супер-лигата, така и плејофот да почне со пресметка меѓу вечните ривали Е. Пелистер и Вардар. Дуелот во салата „Боро Чурлевски“ почнува во 18 часот, а нема дилема дека битолчани ќе го исполнат својот спортски храм до последното место, за да им дадат поддршка на избраниците на Бранислав Ангеловски.
Победата е императив за актуелниот шампион ако се знае дека битолчани поради послабиот скор во меѓусебниот дуел со Вардар пренесуваат бод помалку од „црвено-црните“ како и од тимот на Алкалоид.
„Се чувствуваме подготвени. Ова е повеќе од дерби, ова е меч преполн со историја подолга од три децении, сите оние кои одиграле барем еден меч меѓу Вардар и Пелистер добро знаат за што говорам. Ваквите дуели не ги решава само квалитетот, туку и мотивацијата, а за да се стигне до победа треба да се има и голема доза на среќа. Работевме напорно во изминатиот период и верувам дека сме подготвени за она што следи, најпрвин против Вардар, а потоа и за остатокот од сезоната“, истакнува тренерот Бранислав Ангеловски пред денешниот меч.
Двата тима се соочуваат со проблеми, кај Пелистер ќе недостига новото засилување Дејан Манасков поради суспензија од крајот на ланската сезона, додека Вардар ќе биде без својот најдобар играч од првиот дел од шампионатот, Јапонецот Јасихура кој се повреди на Купот на Азија.
„Воопшто не сакам да размислувам на таков начин, кој игра, а кој не игра за противникот. Она што би сакал да го видам е наше беспрекорно издание, да доминираме на теренот и да славиме. Би бил презадоволен ако би одиграле како на последниот дуел со Вардар во Битола, на кој долго доминиравме иако на крајот ја испуштивме разликата што ни требаше за да бидеме први во групата, но ако ја повториме таа игра, не се сомневам дека ќе се радуваме на крајот. Вардар е силен и без Јасихура, ние и без Манасков имаме две репрезентативни леви крила. Дејан Манасков не беше доведен само за еден меч, туку затоа што знаеме дека ќе биде наш значаен адут во целиот овој нареден период“, изјави Ангеловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА