Караорман со нов претседател и тренер, ама без ниту едно засилување за пролетниот дел од сезоната!

Струшкиот второлигаш Караорман, кој е претпоследен на табелата по есенската сезона, го очекува неизвесна битка за опстанок во вториот дел од првенството во Втората македонска фудбалска лига. Ситуацијата во Караорман не е розова, навивачите на клубот со долга и богата фудбалска традиција оправдано се загрижени пред пролетниот старт на Втората лига. И со право. Иако во паузата на првенството имаше многу промени во раководната и стручната гарнитура на Караорман, сепак тоа, барем засега не ветува ништо добро. Караорман не успеа да ангажира ниту едно засилување иако го чека голема борба за опстанок, додека некои клучни играчи си заминаа.

Место досегашниот претседател Ристе Чушковски, кој долго години успешно ја извршуваше оваа функција, на последното годишно собрание на клубот за нов претседател е избран Ѓорѓи  Жупан. Има смена и во стручниот штаб, нов тренер е Илче Перески, поранешен играч на Караорман и Охрид, кој има играно и за иранскиот прволигаш Персополис. Тој дојде на местото на Скендер Таири. За неполна година Караорман, смени четири тренери откако го тренираа и Дарко Крстевски и Драган Блажевски.

Дали овие промени ќе донесат нешто ново за Караорман со оглед на тоа што два дена пред завршувањето на зимскиот преоден рок, Караорман не успеа да ангажира ниту едно засилување за пролетниот дел?  Дури ќе стартува осетно ослабен бидејќи клубот го напуштија  четворица клучни играчи. Тоа се Стефан Ковачевски, Мурат Адили, Кристијан Цацановски и Стамат Филев.

„И покрај сите напори да ја засилиме екипата, не успеавме бидејќи некои услови што ги поставуваа играчите за да дојдат во Караорман, за кои бевме заинтересирани, не можевме да ги прифатиме. Караорман е во тешка материјална положба, никој речиси не ни помага, најмалку општината така што сме препуштени сами на себе и на некои поединци кои не помагаат. Но тоа е недоволно“ – ни изјави претседателот на клубот Ѓорѓи Жупан.

Од почетокот на подготовките за пролетниот старт во Втората лига, Караорман има одиграно пет контролни натпревари и сите ги има загубено. Беше поразен двапати од Струга ТЛ со 4-2 и 5-0, Пелистер 5-2, Воска 5-0 и Охрид 1-0.

„Не очекува навистина голема борба за опстанок во лигата. Ќе се обидеме да играме барем бараж за опстанок, да ги избегнеме тие последни две места иако и тоа ќе биде подвиг за оваа сегашна млада екипа на Караорман, во која ќе играат голем број младинци . За овие неколку дена се надеваме да добиеме на позајмица некој играч од прволигашот Струга Трим Љум. Ветена ни е помош, дали ќе ја добиеме, останува да причекаме уште ден два. Опстанокот  во лигата многу ќе зависи од првите две средби  што ги играме на свој терен, со Кожув и Охрид. Само со двете победи ќе можеме да се надеваме на опстанок“ – вели новиот тренер Илче Перески.

Како што сега е положбата на табелата Караорман, Саса, Осогово и Победа ќе ја бијат таа неизвесна битка за опстанок. По есенскиот дел Саса има 8 бода, Караорман 11, Осогово 12 и Победа 15 бода. Но не се безбедни и Башкими и Тетекс со 18 бода.

 М.Мицковиќ

Се вчитува...