Комисијата за безбедност и сигурност и Одделот за безбедност и интегритет при Фудбалската федерација на Македонија, изминатиов викенд во хотел „Гарденија” во Велес одржа семинар со комесарите за безбедност на клубовите кои настапуваат во Првата и Втората македонска фудбалска лига.
На семинарот со комесарите за безбедност, присуствуваа и дел од претставници на навивачките групи и претставници од МВР – СВР и Организиран криминал.
Работилницата ја отвори Претседателот на комисијата за безбедност и сигурност и член на Управен Одбор, Борче Лазаревски.
Во првиот дел од работилницата беше одржано предавање и презентација на извештајот за инциденти на натпреварите во есенскиот дел од натпреварувачката 2023/24 година, планот за мерки и активности за организирање на фудбалски натпревар (со конкретни насоки за првенствениот дел, пролет 2023/24) и заштита на интегритетот и борба против местење на натпревари.
Во вториот дел, учесниците на семинарот беа поделени во три групи и на различни теми учествуваа со интерактивно работење и презентирање на „План, мерки и активности на организирање на фудбалски натпревари од висок ризик”.
Презентациите на работниот состанок беа спроведени од Роберт Марковиќ (раководител на Одделот за безбедност и интегритет) и Зоран Саздов (заменик претседател на Комисијата за безбедност и сигурност при Фудбалската федерација на Македонија).
„Главната тема на денешниот состанок беше да се запознаат комесарите за безбедност и претставниците на МВР кои беа присутни на работилницата заедно со началниците на сектори за настаните, односно инцидентите кои се појавија во есенскиот дел од натпреварувачката сезона, како и со запознавањето на мерките и активностите за пролетниот дел од тековната сезона. Комисијата за безбедност и сигурност и одделот за безбедност и интегритет при Фудбалската федерација на Македонија има за цел добро да ги запознае и информира комесарите за безбедност за моменталната состојба на клубовите во Првата и Втора МФЛ, како и за предизвиците кои престојат во пролетниот дел од сезоната, од аспект на сигурност, безбедност и заштита на интегритетот на клубовите и организацијата на натпреварите во целост. Комесарите за безбедност треба поактивно да се вклучат во организационата структура на клубот, во поглед на подготовките на секој натпревар, особено во делот на сигурноста, безбедноста и заштитата на интегритетот. Во вториот дел од тековната натпреварувачка сезона очекуваме повисоко ниво на подготвеност од страна на комесарите во поглед на организација и имплементација на концептот за сигурност и безбедност за секој меч од Прва и Втора МФЛ согласно позитивните законски прописи и акти на ФФМ“ – истакна раководителот на Одделот за безбедност и интегритет при ФФМ, Роберт Марковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА