Вистински празник за ракометна Битола денеска од 18:45 часот во салата „Боро Чурлевски“. Еурофарм Пелистер на мегдан со еден од најмоќните европски клубови, француски ПСЖ, во 11. коло од Групата Б во ЕХФ Лигата на шампионите.
Битолчани подготвуваат пеколна атмосфера за Французите предводени од Раул Гонзалес, со повеќе од силен мотив за надигрување, без разлика што досега по десет натпревари немаат ниту еден освоен бод во најелитното европско клупско натпреварување на Стариот континент.
Во составот на Е. Пелистер ќе дебитира и новото засилување, поранешниот македонски репрезентативец Дејан Манасков…
„Помина доста време откако не сум на терените и едвај чекам да започне утрешниот меч против ПСЖ. Мотивиран сум, за тоа не треба да се разговара. Чест ми е што повторно ќе можам да настапувам во ЛШ по една година пауза. Мислам дека сме убаво подготвени, имаме еден добар моментум по онаа победа над Вардар. ПСЖ е во топ пет екипите во Европа, имаат еден изграден систем кој неколку години веќе функционира. И јас, но и останатите играчи знаеме каков стил на ракомет негува ПСЖ. Раул беше тука и во репрезентацијата и во Вардар. Би им ја препуштиле улогата на фаворит, но нема лесно да ја продадеме кожата. Ќе дадеме сѐ од нас тука пред нашата публика и мислам дека можеме да изненадиме некој на последните четири натпревари. Тие доаѓаат малку уморни од светското првенство, свежината е на наша страна. Треба да веруваме во тоа што го работиме, ќе излеземе без респект и ќе се обидеме да направиме изненадување“ – вели Манасков пред денешниот дуел.
Јасно е дека улогата на фаворит оди кај гостинскиот тим. ПСЖ има неверојатен состав на чело со Никола Карабатиќ, но токму тоа, како што нагласува и тренерот Бранче Ангеловски, е повеќе од доволен мотив за надигрување…
„Нека биде празник на ракометот во нашиот град. Доаѓа една од најдобрите екипи во Европа, со најдобрите ракометари и не можевме да посакаме подобар тајминг, по успехот на Франција на Европското првенство. Мило ми е што доаѓа еден Никола Карабатиќ во последната играчка сезона. Секоја нова сезона во Лигата на шампионите е поинтересна и појака, а ПСЖ секогаш е еден од фаворитите за освојување на трофејот. Имаат одлична екипа, со брза транзиција, брза полуконтра и организиран брз центар. Имаат играчи од светска класа на сите позиции и ќе ми биде задоволство да се натпреваруваме со такви величини на играчи и тренери. ПСЖ ни доаѓа во вистински момент по победата над Вардар. Против Вардар употребувавме некои работи кои ќе ги користиме и против ПСЖ, моравме да ја спремиме тактика за двата натпревари. Со помош на исполнетата сала и навивачите, ќе имаме ‘ветер во грб’, и верувам дека ќе ги повториме игрите од последните два-три натпревари во Лигата на шампионите“ – истакнува Ангеловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА