МЗТ Скопје го прегази Гостивар за полуфинале во Купот на Македонија (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром е првиот полуфиналист во кошаркарскиот Куп на Македонија, откако денеска во првиот меч од четвртфиналната понуда на Ф8 турнирот кој се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола славеа над Гостивар со убедливи 91-76.

И двата тима стартуваа одлично во фазата на нападот. Првата четвртина ни понуди убава и брза кошарка со многу поени, по која за нијанса подобри беа гостиварци кои по десет минути игра имаа позитива од еден поен (23-24). Во вториот период се продолжи во ист ритам, а прв се одвои МЗТ дури на 15. минута кога со тројката на Робев актуелниот шампион стигна до плус осум 43-35. До крајот на првото полувреме избраниците на Васко Атанасов само ја зголемуваат предноста, па на пауза заминаа и со највисоките плус четиринаесет (54-40).

Каде што застана МЗТ во финишот на првото полувреме таму продолжи во второто. Продолжи да го полни кошот на гостиварци, па веќе во 32 минута за првпат стигна и до плус дваесет (60-40). „Штрковите“ продолжија да го решетаат кошот на противникот па на половина од третиот период стигнаа и до највисоките до тој момент плус 25 (70-45). До крајот само рутински го приведоа мечот избраниците на Васко Атанасов за конечни 91-76.

Харис Делалиќ со 22 поени беше убедливо најдобар поединец кај победникот, додека по 13 поени постигнаа Ворку, Танасковиќ и Робев. Кај поразените Недоволни беа 23 поени на Тајрис Вилијамс.

 

Се вчитува...