Дуелот меѓу Пелистер и Еуро Никел (19.30 часот) ќе го даде името на вториот финалист во Купот на Македонија, пресметка на две екипи кои играат квалитетна кошарка и во претходните две овосезонски средби имаат израмнет скор 1-1.
„Пелистерци“ синоќа против Феникс го одиграа еден од најдобрите мечеви сезонава, целосно доминираа и заслужено стигнаа до триумф за кревање на самодовербата пред завршницата од овој куп-турнир. Сепак, битолчани се свесни дека мора да бидат внимателни против гостите од Кавдарци, кои пред нецел месец успеаја да слават во „Боро Чурлевски“ во меч што беше решен со дополнителни пет минути.
„Тој пораз од Еуро Никел не беше нашата вистинска слика. Во меѓувреме значително ја кренавме формата и слободно можам да кажам дека од секој аспект сме подготвени за овој куп-турнир и за атак на трофејот, како на физички, така и на психолошки и на тактички план. Поседуваме и квалитет и искуство за такво нешто“, изјави Александар Костоски, еден од најдобрите кошаркари на Пелистер сезонава.
Одличниот плејмејкер има високо мислење за квалитетот на противникот од Кавадарци, кој дефинитивно не смее да се потцени.
„Против себе имаме одлично организиран тим, во кој сега многу добро си ја знае сопствената улога и дава свој придонес во резултатите. Еуро Никел игра добра кошарка, во последниот период играше егал натпревари со најдобрите македонски клубови, нас дури и успеа да не победи. Тоа е јасен знак дека ќе играме против квалитетен противник што во ниту еден момент не треба да го потцениме, но верувам дека ако одиграме онака како што знаеме, максимално од првата до последната минута ќе се радуваме на триумф и пласман во големото финале“, оптимист е Костоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

