Дарко Радуловиќ пред неколку години си замина од клупата на МЗТ Скопје по поразот во куп-финалето од екипата на ТФТ. Судбината сакаше овој млад стручњак своето следно куп-финале, овојпат како предводник на Пелистер да го има токму против МЗТ, дуел на кој Радуловиќ ќе има огромни мотиви да стигне до трофејот.
„Пелистерци“ се соочуваа со проблеми со формата пред крајот на 2023 година, но битолскиот клуб игра се подобро од натпревар во натпревар и нема сомнеж дека ќе му биде достоен ривал на МЗТ во денешното финале (18 часот, сала „Боро Чурлевски“ во Битола).
„Два пати го победивме МЗТ оваа година, тоа е тим против кого знаеме да играме и да го победуваме, но ова е куп, ова е финале и јасно е дека влогот е огромен. Знаеме какви кошаркари има противникот, колкаво искуство поседува, така што ние ќе дадеме се од себе за да стигнеме до победата. Пред се, ние треба да одиграме квалитетна одбрана, да ги запреме нивните најдобри играчи. Во принцип, финалните мечеви се добиваат на енергија, на борбеност, против Еуро Никел имавме 17 скокови повеќе од противникот тоа ни ја донесе победата, такво залагање очекувам и во големото финале“, истакнува тренерот на Пелистер пред денешниот меч за трофејот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА