МЗТ знае како се освојуваат трофеи во Битола

МЗТ Скопје има уште една пречка на патот до одбрана на куп-трофејот, вечерашното финале против екипата на Пелистер во салата „Боро Чурлевски“ во Битола. Аеродромци допатуваа како фаворити на овој завршен турнир, со победите над Гостивар и над Работнички ја оправдаа таа улога, но денеска пред тимот на тренерот Васко Атанасов е главниот предизвик – битката за големиот трофеј.

Битолчани најавуваат полна сала и кошаркарски спектакл, а на трибините ќе се најдат и „Фемили Аеродром“, за кошаркарскиот празник да биде комплетен. „Металците“ сезонава два пати загубија од Пелистер во рамките од Првата лига, но главен квалитет на МЗТ е што овој тим игра најдобро кога е најважно, без разлика на салата на одигрување на натпреварите.

„Доста важна победа за нас, одиме кратко да се одмориме и утре да го кренеме пехарот“, прокоментира Бојан Крстевски по вчерашниот дерби триумф над Работнички.

Впрочем, „металците“ последните две титули во Првата лига ги обезбедија токму во Битола со победи на гостински терен со Пелистер, па сега ќе се обидат да стигнат и до новиот куп-трофеј во „градот на конзулите“.

Впрочем, МЗТ Скопје е најтрофеен клуб во куп-натпреварувањето со 11 пехари, „металците“ играа финале во последните три сезони, славејќи во две и губејќи еден меч за трофејот (од ТФТ пред две години).

Се вчитува...