МЗТ Скопје го одбрани трофејот во Купот на Македонија откако во вечерашното финале во Битола го совлада домаќинот Пелистер со 60-62. „Металците“ одиграа извонреден меч, а победата е уште позначајна ако се знае дека во последната четвртина останаа без Војдан Стојановски поради повреда, а во последните минути поради пет лични грешки во тимот го немаа ниту Дамјан Стојановски. „Пелистерци“ имаат за што да жалат бидејќи во второто полувреме имаа осум поени, но не успеаја да ја задржат предноста во клучните моменти и останаа без толку посакуваниот трофеј.
Војдан Стојановски ги постигна првите поени во финалето, МЗТ поведе и со 0-4, а по неколкуте промашени шутеви од далечина на „пелистерци“ гостите од Скопје имаа и 2-8 во 4. минута од мечот. Серијата на „сино-белите“ ја прекина Хот со поени под прекршок, нешто подоцна Магдевски реализираше два напада за битолчани, но МЗТ го одржуваше водството во текот на почетната четвртина и по десет минути игра бранителот на трофејот имаше заслужена предност од 13-9.
Американецот Најт внесе живост во нападот на Пелистер со пет поени на стартот од втората четвртина, a со тројката на Лука Стојановски битолчани стигнаа и до првото водство на мечот од 17-16. МЗТ експресно возврати со тројката на Војдан Стојановски, но салата еруптираше по првите поени на Јуре Планиниќ, дури во 15. минута, и тоа под фаул на Танасковиќ, со што хрватскиот центар донесе предност на домаќините од 21-19. Проблемите за „зелено-белите“ се зголемија откако Планиниќ во 17. минута ја заработи третата лична грешка, но за среќа проработе шутот за три поени, па по поените на Мијовиќ и на Костоски, Атанасов беше принуден да побара тајмаут при резултат 30-25 за Пелистер. Костоски и Магдевски ја презедоа одговорноста во нападот на домаќините во завршницата на полувремето, па Пелистер замина на одмор со водство од 36-31.
Второто полувреме почна со серија од седум поени на МЗТ, шампионот со тројката на Дамјан Стојановски поведе со 36-38, но Пелистер се врати во водство со прецизниот шут од далечина на Мијовиќ. Сите во салата беа на нозе кога Костоски погоди нова тројка за водство од најубедливи 45-38. Во прилог на „пелистерци“ одеа и серијата промашувања на Бојан Крстевски. Домаќините пропуштија три напади за „плус десет“ при 46-38, по што токму Крстевски ја прекина серијата на домашниот состав. Тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов, побара тајмаут при негатива на неговиот тим од 50-42. Советите вродија со плод, па „металците“ набрзина постигнаа пет поени во низа. Дамјан Робев беше значаен фактор во самиот финиш од третата чевртина, постигнувајќи пет поени со кои МЗТ се врати, па во последните десет минути се влезе со три поени предност за Пелистер (52-49).
Шоуто на Робев продолжи со нови шест поени на репрезентативецот, кој со нова тројка израмни на 55-55. Аеродромци не реализираа и неколку напади за целосен преврт, во меѓувреме влегоа во бонус и Планиниќ од линијата за слободни фрлања го врати Пелистер во водство. Голем хендикеп за МЗТ беше што во вториот дел поради повреда играта ја напушти Војдан Стојановски и не се врати до крајот, а на три минути до крајот, при резултат 57-57 својата петта лична грешка ја заработи Дамјан Стојановски, па бранителот на трофејот во завршницата беше без помошта на двајцата најдобри кошаркари.
Ворку погоди значајна тројка и го донесе гостинот од Скопје до минимално водство од 59-60. Двата тима промашија по еден напад, но потоа следеше почетничка лична грешка на Баковиќ со која Планиниќ доби две слободни фрлања на 59 секунди до крајот. Центарот на Пелистер беше еднаш прецизен, па Атанасов побара тајмаут при 60-60. МЗТ промаши два шута при својот напад, но потоа Баковиќ со извонредна блокада над Маслинко му го додели последниот напад на гостинскиот состав од Скопје. Атанасов побара тајмаут на 11 секунди до крајот, а Ворку ја зеде топката и умешно положи за 60-62 на 2,7 секунди до крајот. Радуловиќ го побара и последниот тајмаут, по што Костоски имаше шут за победа, но тројката беше за малку непрецизна, што значеше и одбрана на куп-трофејот на МЗТ Скопје, за дванаесетти пехар на аеродромци во ова натпреварување.
Дамјан Робев беше херојот на финалето откако по излегувањето на Војдан презеде одговорност и постигна 13 поени, еден помалку постигна Танасковиќ, додека Ворку го заврши мечот со 11 поени, а Дамјан Стојановски имаше десет поени зад своето име. Во таборот на Пелистер најефикасни беа Костоски со 15 и Магдевски со 12 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА