КК Пелистер: Иако поразот боли, горди сме што Битола беше центар на кошарката!

Преку официјално соопштение од КК Пелистер, организаторите на годинашното издание на Купот на Македонија – „Благоја Георгиевски – Буштур“, се заблагодарија на сите навивачи и чинители кои изминативе денови беа дел од организацијата на кошаркарскиот спектакл во Македонија.

Од Пелистер потенцираат дека „поразот во финалето и тоа како боли а тагата е присутна поради неуспевањето на сите битолчани да им се донесе трофеј“, но на крај „останува и гордоста што Битола беше центарот на кошарката во Македонија изминативе денови“.

СООПШТЕНИЕТО ОД КК ПЕЛИСТЕР ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Почитувани,

Колку што боли поразот во самиот финиш од финалето, толку е голема гордоста на сето она што го направивме сите заедно во последните денови, за Битола да биде центар на кошарката, но и да постави пример за организација, однос на навивачи и се она што го красело и што во иднина ќе го краси нашиот град.

Благодарни сме на Општина Битола и Градоначалникот Тони Коњановски за сета поддршка што ја добиваме од почетокот на овој сериозен проект. Оваа соработка ни дава за право да се надеваме на уште поголеми успеси во иднина.

Горди сме на нашите „Чкембари“. Ја препознаа нашата спортска искреност, желбата да донесеме трофеј во Битола и ја наполнија салата „Боро Чурлевски“. Најтешко е да се биде голем во поразите, но нашите верни навивачи го сторија токму тоа кога на сите ни беше најтешко, уште еднаш покажувајќи зошто се најдобра навивачка група во Мaкедонија.

Горди сме на самите себе, за начинот на кој го организиравме овој турнир, покажавме дека имаме капацитет и организациски способности, зошто да не во иднина да донесеме и регионален турнир во Битола.

Секако, останува тагата што сиот овој заеднички труд на сите битолчани не беше крунисан и со трофеј. Сепак, убедени сме дека вака сплотени, тоа е само прашање на време и најдоброто од нашето спортско семејство допрва следи.

Ви благодариме на сите од срце,

КК Пелистер

Се вчитува...