Ракометарите на Е. Пелистер му гостуваат на германскиот гигант Кил во 12. коло од Лигата на шампионите.
Тренерот Бранко Ангеловски знае дека пред неговиот тим е уште еден голем предизвик, со можност за надигрување со еден од најдобрите европски клубови.
„Иако сезонава не играат според oчекувањата во домашното првенство, Кил е клуб со огромна традиција, кој сезонава сака да стигне до титулата во Лигата на шампионите. За нас ова е голема шанса да видиме колку сме блиску или далеку од нив, со можност за натпревар кој ќе ни покажа каде мора да напредуваме ако сакаме да се носиме со гигантите во иднина. Посакувам натпреварот да биде сличен како оној со ПИК Сегед во Битола. Бевме блиску и до реми и до победа, но финиширавме во еден грч кој се покажа клучен за поразот. Ќе биде интересен дуел затоа што Кил атакува на Ф4 во Келн а за нас ќе биде ново огромно искуство“ – вели Ангеловски.
Слично е размислувањето и на голманот Урбан Лесјак пред гостувањето во Германија.
„Овој меч ќе биде одлична можност за нас. Сакаме да се претставиме подобро од првиот натпревар во Битола. Покажавме и на првиот меч дека можеме да се надигруваме со нив. Дуелот се одлучуваше „на една топка“ и жал ми е што не извлековме подобар резултат тогаш. Сега одиме со желба за претставување во најдобро можно светло. Многу нешта ќе зависат од нас, не смееме да стравуваме од ништо и да влеземе на дуелот со максимален мотив. Само така можеме да бидеме во егал и да се надеваме на нешто големо. Вербата и желбата мора да постојат од првата секунда“ – вели Словенецот.
Натпреварот меѓу Кил и Е. Пелистер во 12. коло од Лигата на шампионите се игра утре (22. февруари) со почеток од 18:45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА