Артета „плачеше“, Консеисао му врати: Вие сакате да играте, ние сакаме да победуваме…

Драматичен беше дуелот во Порто каде домаќините со гол во судиското продолжение славеа над Арсенал со 1-0, а интересно беше и потоа на прес-конференцијата по натпреварот, каде двајцата тренери имаа сосема спротивни коментари за случувањата на теренот.

Арсенал беше далеку од својот препознатлив ритам, „топчиите“ немаа ниту еден шут во рамките на противничкиот гол, а Микел Артета по мечот се пожали на честите прекршоци од фудбалерите на Порто.

„Да се наруши нашиот ритам на игра, тоа беше нивната тактика. Имаа 35 или 37 фаули во текот на мечот и успеаја во тоа што го посакуваа. Она што го видов на теренот воопшто не ми се допадна, но знаевме дека така ќе играат и сепак им дозволивме да ја исполнат својата мисија“, прокоментира стратегот на Арсенал.

По него на прес-конференцијата пристигна Серџо Консеисао, кој доби прашање да ја искоментира изјавата од претходно на Артета.

„Заслужено победивме, покажавме страст, карактер и квалитет. Арсенал ја имаше топката, но што направи со неа, тоа е главното прашање. Поседот мора да значи да се обидеш да дадеш повеќе голови, а не да ја чуваш топката кај себе. Сите видоа дека денеска ние бевме поопасниот тим на теренот. Има една важна разлика меѓу нас и Арсенал, тие сакаат да играат, а ние сакаме да победуваме“, изјави Консеисао.

Се вчитува...