ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – МИЛИЈАНА РЕЛЈИЌ: Цел е учество на ЛОИ во Париз, се надевам ќе успеам да го остварам мојот сон

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Најдобрата млада спортистка на Македонија за 2023 година, Милијана Релјиќ отворено за ЕКИПА.МК говореше за нејзината досегашна кариера и очекувањата за иднината. 

Релјиќ емотивно ни кажа колку за неа значи ова признание, но и за големиот успех и освојувањето на бронзениот медал на Европското првенство. Милијана вели дека цел во 2024 година е настап на Летните олимписки игри во Париз, а за сонот да стане јаве ќе мора да го помине квалификацискиот турнир кој е на почетокот на месец март. 

Релјиќ вели дека медалот на Дејан Георгиевски на игрите во Токио го отворил патот на сите таеквондисти во Македонија, но и им дал голема самодоверба дека можат и тие да го повторат големиот успех. 

==========================================================================================================================

НАГРАДАТА ЗА НАЈДОБРА МЛАДА СПОРТИСТКА БЕШЕ КРУНА НА 2023 ГОДИНА! 

Колку за тебе лично значи признанието за најдобра млада спортистка на Македонија за 2023 година? 

Наградата за најдобра млада спортистка за мене беше како круна за крајот на годината која беше најуспешна за мене. По сите тие турнири кои беа околу 12 само меѓународни изборот за најдобра млада спортистка дојде како награда за сета напорна работа во 2023 на мене, но и на мојот тим со кој работам.

ЧУВСТВУВАВ ГОЛЕМ ПРИТИСОК НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО! 

Го освои бронзениот медал на младинското Европско првенство. Колку овој медал значи за тебе и колку беше тешко да се стигне до медал на едно големо натпреварување? 

Бидејќи Европското беше на крајот на годината, буквално целата година се подготвувавме за тој шампионат и настапот на сите останати турнири беше подготовка за тоа што не чекаше во Букурешт. Искрено чувствував голем притисок да освојам медал, но на денот на борбите со тренерот направивме добра анализа на противничките и на крајот успеа се да излезе како што планиравме и да стигнеме до бронзата. Навистина премногу ми олесна кога веќе влегов во полуфиналето и имав обезбедено медал. Секако, дадов максимум да пробаме да стигнеме и до посјајно одличје, но сепак и оваа бронза е голем успех.

Ве очекуваат квалификациите за ЛОИ во Париз. Кои се критериумите за пласман на игрите и кои се турнири ве очекуваат во оваа 2024 година? 

Два начина постојат за пласман на ЛОИ во Париз. Првиот начин е да си меѓу првите пет на ранг листата, што за жал не можам да го исполнам бидејќи јас во сениорска конкуренција настапувам само две години, а другите противнички од почеток собираат поени. Во моментов сум на 34 место и ќе настапам на квалификацискиот турнир кој е на 10. март во Софија на кој покрај мене ќе настапи и Дејан Георгиевски. Веројатно за овој турнир поважно е психички да бидеме подготвени, разговарам со мојот тим кој ми помага да ја дигнам самодовербата пред овој турнир. Покрај ЛОИ сезонава имаме и Европско првенство во мај, но сепак некоја подолга цел е влез меѓу 32 најдобри на ранг листата како би можела да имам учество на големите гран-при турнири кои се само четири во годината и на нив се освојуваат најмногу поени за ранг листата.

УСПЕХОТ НА ДЕЈАН Е УСПЕХ НА СИТЕ НАС КОИ СЕ ЗАНИМАВАМЕ СО ТАЕКВОНДО! 

Колку за сите вас кои се занимавате со таеквондо значеше освоениот сребрен медал на Георгиевски на игрите во Токио? 

По медалот на Дејан Георгиевски на ЛОИ во Токиот за овојспорт се дозна многу повеќе во Македонија и луѓето сега многу повеќе знаат како се одвиваат борбите во овој спорт, но и како изгледа таеквондото. Претходно тоа не беше така и затоа успехот на Дејан е успех на сите нас кои се занимаваме со таеквондо во Македонија. На мене и на многу други кои се занимаваме со таеквондо во Македонија ни значеше многу медалот на Дејан бидејќи видовме дека некој од мала држава со такви услови може да направи голем успех и дефинитивно е голема мотивација за нас.

БЕВ БУЦКАСТО ДЕТЕ, ПА ЗАТОА МОИТЕ ОДЛУЧИЈА ДА МЕ ЗАПИШАТ НА ТАЕКВОНДО! 

Како Мила го запозна таеквондото и кога сфати дека овој спорт ќе биде нејзината професија? 

Како малечка моите на седум години ме запишаа да тренирам таекводно бидејќи сум била малку буцкаста како дете. Во училиштето каде што учев во Хиподром како дете имаше само играорна и таеквондо, па така излезе мојот живот да биде поврзан со овој боречки спорт. Кога почнав да учествувам на турнири и да победувам, мојот тренер го виде мојот потенцијал и талент бидејќи јас немав многу некоја желба, но неговите зборови дека ќе направиме заедно многу беа клучни таеквондото да стане моја професија.

Се вчитува...