Кошаркарската репрезентација на Македонија претрпе пораз од на дуелот со Естонија (69-74), на првиот меч од квалификациите за Евробаскет 2025. Пораз што сигурно боли поради начинот на кој го одигравме одличното прво полувреме во кое имавме и плус „седум“, но потоа паднавме во вториот дел. Пресуден момент беше повредата на Ненад Димитријевиќ во последната четвртина, што естонските кошаркари максимално ја искористија за да стигнат до победата.
Естонија го отвори мечот со тројка за 0-3, но Македонија возврати со реализации на Мекиќ и на Војдан Стојановски за прво водство од 4-3. Димитријевиќ одлично го почна мечот, со пет поени во низа носејќи водство од 11-10, додека на спротивната страна скокот ни претставуваше проблем. Американецот Хап блесна со две блокади за дваесетина секунди, покажувајќи дека ќе биде од голема помош во одбраната на македонскиот национален состав. Димитријевиќ го продолжи своето шоу и со нова тројка донесе предност од 16-10. Не реализиравме два напада за „плус осум“, казната стигна со серија од седум поени на гостите, па Јончевски го побара првиот тајмаут при водство на Естонците од 16-17. Гостите имаа и 16-19, пред нивната серија да ја запре Хап. Магдевски имаше одлична блокада во нашиот рекет, по што Хап од линијата за слободни фрлања донесе минимално водство на Македонија по првата четвртина (20-19).
Вториот период почна со грешки на двете страни, но по новите поени на Хап (10 за нашиот нов Американец) и водството од 23-20 естонскиот селектор побара тајмаут. Шутот од далечина почна да функционира, па по тројките на Димитријевиќ и на Ѓуроски повторно поведовме со пет поени (31-26). Ѓуроски погоди уште два шута, па Македонија го контролираше резултатот до крајот на полувремето, со извонредниот влез под прекршок на Димитријевиќ поведувајќи со 41-32. Нено продолжи да доминира до крајот на полувремето, изнудувајќи фаул при обид за тројка, по што нашиот најдобар кошаркар погоди две од трите слободни фрлања, за конечни 43-36 по поените на Естонците со звукот на сирената по 20 минути игра.
Проблемите се појавија на стартот од третата четвртина, откако противникот се доближи на 43-41 , а веќе во 22. минута по три лични грешки имаа Војдан Стојановски и Хап. Американецот не реализираше две слободни фрлања, по што Естонците најпрвин израмнија, а потоа и поведоа со 43-45 пред селекторот Јончевски конечно да побара тајмаут по периодот на наша немоќ на теренот. Димитријевиќ мајсторски изнуди прекршок и од линијата за слободни фрлања во 24. минута ги постигна првите поени за Македонија во второто полувреме. Тој целосно ја презеде контролата во нападот, носејќи водство од 49-45. При 49-49 Ѓуроски изнуди непосртска лична грешка од Куламае, по што Хап реализираше во рекетот и Македонија пак отиде на „плус четири“ (53-49). Јончевски во ист период ги повлече Димитријевиќ и Хап од игра, а Естонија експресно го казни тоа, поведувајќи со 53-54. Серијата продолжи до 7-0 за Естонија, а поводство на гостите од 53-56 и нов нереализиран напад, Димитријевиќ се врати на терен на помалку од минута до крајот на третата четвртина, но противникот влезе во последните десет минути со водство од четири поени (53-57).
Македонија конечно се разбуди, во игра влезе Ефремовски и погоди тројка во нашиот прв напад во полувремето. При 56-57 немавме среќа откако при обидите на Ефремовски и на Хап топката се вртеше околу обрачот, но не влезе низ него. Проблемите кулминираа во 34. минута при реултат 56-59, откако Димитријевиќ заработи незгодна повреда на мускулот и во агонија лежеше додека му беше укажувана лекарска помош. Војдан Стојановски влезе на негово место и погоди за 58-60, a Јончевски побара тајмаут откако противникот поведе со 62-67 на нешто повеќе од три минути до крајот. Димитријевиќ покажа големина откако и повреден реши да се врати и да помогне во обидот за камбек. Ниту тоа не помогна, па Естонија до крајот успеа да стигне и до двоцифрена предност (62-72, 39. минута). Покажавме карактер и не се откажавме, се приближивме до 69-72, но сепак немавме сили за целосен камбек и на крајот го загубивме овој натпревар со конечни 69-74.
Ненад Димитријевиќ со 25 поени беше најдобар поединец во нашиот табор, одличен беше и Итан Хап, кој на првиот меч во дресот на македонската репрезентација забележа 18 поени, девет скока и три асистенции, а двоцифрен беше само уште Стојан Ѓуроски со десет поени. Најефикасни во таборот на Естонците беа Котсар и Вене со по 16 поени.
Нашите кошаркари во второто коло од овие квалификации веќе в понеделник ќе гостуваат на селекцијата на Полска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА