Селекторот Александар Јончевски не го криеше разочарувањето што македонските кошаркари не го задржаа темпото од првиот дел, па во второто полувреме паднаа на физички и резултатски план и претрпеа пораз од Естонија.
Без оглед на денешниот неуспех, Јончевски порачува дека не смее да се губи верба бидејќи Македонија покажа квалитет и може да се врати во игра во борбата за билет за Евробаскет 2025.
„Имавме многу добро прво полувреме, го контролиравме мечот, но на стартот од третата четвртина го свртеа резултатот во своја полза со цврста одбрана и многу контакт во одбраната. Со офанзивните скокови ни создадоа проблеми, ги контролираа и своите промашувања добивајќи втора шанса. Им реков на момците, покажаа одлична енергија, воопшто не беше како претходниот дуел со Естонија на нивни терен. Негативата од пет поени ни дава надеж дека се уште имаме шанси да се вратиме, тоа не е преголема разлика, особено ако се знае дека следниот февруари во тимот ќе го имаме и Андреј Јакимовски, кој одлично напредува во Вашингтон Стејт и е еден од главните играчи во својата екипа“, истакна македонскиот селектор на прес-конференцијата по натпреварот.
Останува тагата што одличната атмосфера што се создаде во СРЦ Кале не беше крунисана со триумф.
„Искрено жалам што оваа публика не дочека радост од нас, заедно да славиме победа. Ме радува што имаше голем број на гледачи, многу млади лица, тоа ме радува затоа што желбата да се види Македонија на дело е ретка во последно време, но овојпат салата се исполни до последно место. Жалам што не победува, но имаше позитивна енергија и дека оваа селекција може да донесе радост во иднина“, истакна Јончевски.
Селекторот имаше само пофални зборови за Американецот Итан Хап, кој имаше одлично деби во дресот на македонската репрезентациа.
„За македонската јавност беше непознат, но Хап веќе две години има македонско државјанство. Имам комуницирано со него, знам дека се работи за одличен кошаркар, скромен играч кој се согласи да помогне во националниот дрес. Верувам дека и во иднина ако ни е потребен висок кошаркар, тој ќе биде тука и ќе ни биде од голема помош. Тој одлично се вклопува во тимот, на терен и надвор од него“, изјави Александар Јончевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА