Прилеп го совлада Мулти Есенс, Вардар Неготино „тесно“ победи со Е.Пелистер 2

Ракометарите на Прилеп како домаќини беа подобри од Мулти Есенс со 34-31 во 3. коло во плеј-аутот, и направи голем чекор кон опстанокот, со оглед дека има максимални „три од три“.

Прилепчани речиси во целиот меч имаа предност, но гостите знаеја понекогаш да направат проблеми, и да стигнат до -1, и со тоа да го натераат домаќинот да притисне за да дојде до победата.

После предноста од два на полувремето, на стартот од вториот дел Мулти Есенс неколку пати се закануваше, а во 45. минута стигна и до „егал“ 25-25. Меѓутоа со серија домаќините веднаш се одлепија на +3, и водството го задржаа до крајот. Најефикасен кај победничкиот тим беше Кастратовиќ со осум гола, додека кај поразениот Узунчев постигна десет.

Вардар Неготино стигна до „тесна“ победа со 24-23 во дуелот со Еурофарм Пелистер 2. Домашните мораа добро да се намачат, а натпреварот беше класична резултатска нишалка, двата тима се менуваа во предност. Пелистерци во текот на вториот дел имаа предност со 22-23, но со два гола на крајот неготинци дојдоа до победата.

Адамовиќ кај домашните постигна девет гола, кај гостите Калајџиовски постигна осум.

Се вчитува...