Рики Рубио се врати на кошарката откако настапи на последните две средби на шпанската репрезентација, а легендарниот плејмејкер денеска го официјализираше и камбекот во Барселона.
Поранешниот НБА-плејмејкер во последните месец дена тренираше со Барса, а договорот го потпиша уште пред петнаесетина дена за да биде регистриран навреме за завршницата од Евролигата. Рубио денеска и официјално позираше крај Жоан Лапорта во дресот на каталонскиот гигант, по што шпанскиот репрезентативец јавно проговори за проблемите со менталното здравје поради кои цела година беше надвор од кошаркарските терени.
„Стравот е релативна работа, секој од нас пати на специфичен начин. Она што за мене беше страшно што од кошаркарот Рики Рубио исчезна човекот Рики Рубио, веќе не можев да се препознаам самиот поради стресот што ми го носеше кошарката. Играм од 14-годишна возраст и најверојатно поради тоа не успеав да изградам комплетен карактер додека растев, па проблемот ми се појави нешто подоцна. Го надминав сето тоа, беше голема животна лекција за мене и верувам дека го оставив проблемот зад себе. Договорот со Барса е до крајот на сезонава, потоа ќе седнеме и повторно ќе разговараме, но доколку ми се повтори истата ситуација експресно ќе се повлечам. Се надевам дека тоа нема да се случи, на последните две средби со Шпанија се чувствував прекрасно на теренот“, изјави Рики Рубио.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

