Младата репрезентација на Македонија до 19 години на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје ќе одигра два контролни натпревари против селекција на Босна и Херцеговина како дел од подготовките за Елитната рунда на квалификации.
Капитенот на репрезентацијата Мартин Ѓорѓиевски верува дека и на овој натпревар тој и неговите соиграчи ќе ја претстават Македонија во одлично светло и ќе одиграат максимално посветено за продолжување на трендот на позитивни резултати.
„Како и на секој претходен натпревар, така и на овој ќе пристапиме максимално фокусирано и внимателно. Босна и Херцеговина е репрезентација која поседува квалитет. Ја анализираме нивната игра, се надевам дека ќе одиграме добар натпревар.
На утрешниот меч верувам дека ќе одиграме храбро, борбено и посветено во текот на сите 90. минути. Имаме неколку повредени играчи, но верувам дека можеме да постигнеме позитивен резултат против квалитет противник. Да го продолжиме трендот на позитивни резултати пред почетокот на престојните квалификации од елитната фаза во месец март.
Имаме одлична атмосфера внатре во тимот, мотивацијата е на највисоко ниво, сите заедно со нетрпение го очекуваме стартот на квалификациите. Сакаме да испишеме историја и да постигнеме успех. Односот со селекторот и неговиот стручен тим е професионален, на тренизните се работи максимално напорно и пожртвувано. Тоа е и клучот за нашиот успег и одличните резултати на претходните квалификации.
Поседуваме квалитет, имаме одличен тимски дух, селекторот и стручниот тим веруваат во нас. Подготвени сме да дадеме се од себе за дресот со државен грб и да оствариме нов успех“, вели капитенот.
Генерацијата која ја предводи селекторот Тони Јакимовски на 18. март ја започнува Елитната рунда на квалификации, а нашите млади фудбалери за противници ќе ги имаат репрезентациите на Швајцарија, Украина и Летонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА