Македонската кошаркарска репрезентација стигна до голема победа во квалификациите за Евробаскетот 2025 откако ја прегази Полска на гостински терен со 71-96 во натпревар во кој избраниците на Александар Јончевски имаа потполна контрола во 35 минути игра.
Селекторот не го криеше задоволството по крајот на средбата и победата им ја препиша на сите репрезентативци кои го испочитувале договореното.
„Можам да кажам дека ги почитувавме сите работи кои ги договориме на тренинг по тешкиот пораз од Естонија над Македонија. Знаевме дека играме против Полска која е тим со одлични играчи и одличен терен, го сфативме сериозно овој натпревар и можеби ризикувавме нешто како отворени обиди од Балчеровски, но тоа беше нашата стратегија и на крајот се покажа како добра. Морам да ги пофалам сите играчи без разлика дали играа една или 39 минути, сите ја заслужија оваа победа.
Бевме повеќе подготвени за овој натпревар бидејќи во летото игравме против Полска и го гледавме натпреварот против Литванија. Знаевме што да очекуваме, нашиот стручен штаб си ја заврши работата. Морам да го пофалам и медицинскиот персонал кој многу помогна во рехабилитацијата. Мило ми е што се уште имаме шанси за пласман на Евробаскетот“, започна Јончевски.
Македонија ги надмина воведните проблеми, успеа да наметне целосна контрола на средбата и од минута во минута ја зголемуваше предноста за лесна и комотна победа на крајот, напротив од очекувањата на самиот стучен штаб.
„Не очекувавме лесна победа. Полска е голем тим кој направи голем резултат на последното европско првенство. Го почитуваме тоа и доколку ме прашавте пред натпреварот ќе прифатев и победа од еден поен. Навистина заслуживме бидејќи целиот тим го почитуваше договореното пред натпреварот“, додаде селекторот.
Лидер на теренот и на овој натпревар беше Нено Димитријевиќ кој имаше „ол-ароунд“ средба реализирајќи 32 поени, 8 скокови и 8 асистенции за 39 минути и 25 секунди поминати на паркетот.
„Разговарвме во текот на целиот натпревар и тој процени дека понекогаш играч може да игра 20 минути и да биде уморен, но овој пат го чувствуваше адреналинот и атмосферата во тимот. До последната секунда имаше енергија“, заврши Јончевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА