Македонскиот првак Е. Пелистер игра катастрофално во Лигата на Шампионите сезонава, со дванаесет порази на досегашните дванаесет натпревари во елитното европско натпреварување.
Битолчани во следното коло утревечер ќе го играат последниот дуел на домашен терен, против дански Алборг, на кој тренерот Ангеловски се надева дека конечно неговите ракометари ќе им донесат радост на верните навивачи. Воедно, стратегот на Е. Пелистер оптимистички најави дека македонскиот тим повторно ќе се обиде да стигне до место во ЛШ, преку апликација за вајлд-карта откако Македонија го загуби загарантираното место во групната фаза од 2024/25.
„Обврска ни е на последниот домашен натпревар да покажеме најдобра игра против еден од можеби најдобрите екипи во нашата група. Тоа е наша желба, да ги израдуваме нашите навивачи, градот. Играме против екипа која доаѓа од еден европски, светски и олимписки шампион, со такви ѕвезди како Ландин, Хансен, и нови ѕвезди кои се во надоаѓање. Мислам дека навистина ќе треба да уживаме во овој меч, да дадеме сè од себе. Со мисла дека можеме и во иднина да бидеме дел од ова елитно натпреварување и со уште поголеми амбиции, се надевам наредна година со „вајлд-карта“. Ќе се бориме 60 минути да извлечеме што поповолен резултат. На првиот меч против Алборг бевме во грч и трема поради големите ѕвезди на теренот. Тоа е веќе минато, мислам дека овој натпревар во Битола ќе биде поинаков“, изјави тренерот на Е. Пелистер, Бранислав Ангеловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА