Македонската кошаркарска репрезентација забележа скок од четири места на најновата ранг-листа на ФИБА, што европската куќа на кошарката ја објави непосредно по одигрувањето на февруарските квалификациски натпревари за Евробаскет 2025.
Македонија беше на 28. место во пресрет на овие квалификации, но по убедливата победа над Полска во Сосновиец нашите кошаркари се искачија на 24. позиција.
„Во 80-те минути за време на двете февруарски средби, Македонија имаше предност во повеќе од 54 минути игра и забележа една победа и еден пораз. Сигурно Македонците повеќе ќе сакаа победата да дојдеше против директниот квалификациски ривал Естонија отколку против веќе пласираната Полска, но во секој случај се горди на победата. Една работа е сигурна, тандемот Димитријевиќ – Хап ќе биде во главна улога секогаш кога ќе се појави на теренот заедно“, се вели во описот за нашиот национален тим на официјалната веб-страница на ФИБА.
Полска по двата пораза на стартот од квалификациите падна за 10 позиции и моментно се наоѓа на 22. место. Естонците забележаа огромен скок од 12 места и сега се десетто рангирани на листата на ФИБА, само две места зад Литванија.
На чело на најновото рангирање е селекцијата на Србија, пред Франција, Летонија, Грција, Италија, Словенија…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА