Наполи конечно заигра како што му доликува на актуелниот шампион на Италија, откако „сино-белите“ многу полесно од очекувањата на гостински терен го демолираа Сасуоло со 1-6. Разочарувачкото реми со Калјари пред неколку дена, со гол примен во последните секунди, беше само мотивација за „наполитанците“, кои со импресивна партија ја прекинаа мини-серијата од три меча без победа и го стигнаа Лацио на делба на осмото место на табелата.
Она што е интересно, Сасуоло беше тимот што прв дојде во водство на вечерашниот дуел, откако Урош Рачиќ со прецизен удар од дваесетина метри донесе радост на домашните навивачи. Премногу кратко траеше еуфоријата меѓу тифозите на Сасуоло, ако се знае дека Наполи со два гола од 29. до 31. минута направи целосен пресврт, најпрвин Рахмани го израмни резултатот, а потоа Осимен го доведе гостинскиот состав во водство.
Домаќините почетнички грешеа во сопствената половина, а Наполи знаеше како да го казни тоа со нови погодоци на Осимен, најпрвин за 1-3 пред крајот на првото, а потоа и за 1-4 на самиот почеток од второто полувреме.
Завршниот удар беше дело на Кварацкелија, откако грузискиот ас два пати го матираше голманот Консилји, уште повеќе продлабочувајќи ја кризата на тимот на Сасуоло кој е без триумф во Серија А уште од 6 јануари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА