Ангеловски: Алборг покажа дека е меѓу најдобрите, благодарност до битолчани

Македонскиот првак Е. Пелистер и во седмиот меч на домашен терен не успеа да стигне барем до бод откако битолчани синоќа го загубија последниот домашен дуел во ЛШ за оваа натпреварувачка сезона, од Алборг со резултат 28-33.

Тренерот Бранислав Ангеловски им ја честиташе победата на гостите од Данска, а ја искористи и можноста да им се заблагодари јавно на навивачите за поддршката што „пелистерци“ ја добиваат од стартот на сезонава без оглед на слабите резултати во Европа.

„Честитки за противникот за заслужената победа. Мислам дека одигравме одличен натпревар, но да се победи тим како Алборг треба ние да дадеме 100% од нашите можности, а противникот да нема свој ден. Тоа сепак не се случи, Алборг исто така беше на ниво и покажа зошто со Кил се најдобрите екипи во оваа група.  Исто така, сакам да им се заблагодарам на нашите навивачи, за нивната поддршка во текот на сите шеесет минути. Тие ни беа „ветер во грб“, кој ни е многу важен. Честитки и до моите момци за одличното издание. Верувајте не е лесно да се игра во ритам среда-сабота и со патувања и со многу силни противници. Вечерва имавме и неколку промашени зицери и технички грешки, кои доколку игравме против послаба екипа немаше да се почувствуваат, но Алборг ги искористи сите наши грешки“, изјави Ангеловски.

Е. Пелистер својот настап во ЛШ ќе го заврши со гостување во Норвешка против Колстад.

Се вчитува...