Томас Тухел не го криеше разочарувањето откако Баерн одигра уште еден потпросечен натпревар ремизирајќи 2-2 на гостувањето против Фрајбург.
Стратегот на баварскиот гигант искажа незадоволство од играта и покажаниот карактер во првите триесетина минути, нешто што не смее да му се случува на клуб како Баерн.
„Не игравме како што треба во првите триесет минути и заслуживме да бидеме во негатива. За жал, требаше да примиме гол за да почнеме да играме фудбал. Бевме подобри во второто полувреме, поведовме, но не успеавме да дадеме и трет гол. На крајот, не победивме затоа што примивме среќен гол од противникот од прекин што не успеавме да го одбраниме како што треба. Не стануваше збор за недостиг на желба, повеќе беше недисциплина во првите триесетина минути. На овој стадион не се победува со само едно добро полувреме“, критичен беше Тухел на своите избраници.
Останува да се види дали трофејниот стратег ќе го преживее и ова најново фијаско, ако се знае дека ионака работата му виси на конец и би можел веќе викендов да добие отказ, наместо да чека да си замине на крајот од сезонава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА