Бостон уште еднаш покажа зошто важи за најдобар тим во НБА-лигата сезонава, откако селтикс без многу мака го растурија тимот на Далас маверикс со 138-110 за своја 47. победа сезонава (47-12) со што „зелените“ уште повеќе се зацврстија на првото место во Источната конференција. Лука Дончиќ одигра уште еден импресивен меч и стигна до трипл дабл од 37 поени, 12 скокови и 11 асистенции, но Словенецот не можеше сам против извонредниот состав на Бостон кој по првото полувреме имаше само „плус седум“, за во вториот дел целосно да ги прегази маверикси. Тејтум со 32 поени го предводеше победничкиот состав, 25 постигна Браун, а 24 Порзингис.
Јанис Адетокумбо имаше свое шоу во Чикаго,на мечот во кој Милвоки лесно славеше над домашниот тим со 97-113. Грчкиот „ѕвер“ одигра импресивно, со 46 поени и 16 скокови самиот победувајќи го домашниот состав.
Голден Стејт ја доби битката во Канада против Торонто, „воините“ успеаја во третата четвртина да се одлепат (19-32) и потоа рутински да стигнат до победата. Стеф Кари ги предводеше стрелците со 25 поени, еден помалку за Голден Стејт постигна Камингс, додека Берет со 23 беше најефикасен во таборот на Торонто.
Резултати НБА:
Детроит – Кливленд 100-110, Филаделфија – Шарлот 121-114, Бостон – Далас 138-110, Торонто – Голден Стејт 105-120, Мемфис – Портланд 92-122, Минесота – Сакраменто 120-124 (по прод.), Њу Орлеанс – Индијана 129-102, Чикаго – Милвоки 97-113, ЛА Клиперс – Вашингтон 140-115.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

