ОВој викенд е резервиран за завршниот турнир од Купот на Македонија во кошарка во женска конкуренција, каде вообичаено се среќаваат најдобрите четири екипи од првиот дел од сезоната во првата А лига.
Улогата на бранител на трофејот припаѓа на кошаркарките на МЗТ Скопје, кои лани со триумфот во финалето над Баскет Кам стигнаа до првиот трофеј во клупската историја.
Аеродромки во полуфиналето исто како и лани ќе го имаат составот на Вардар, меч на кој „сино-белите“ барем на хартија ја имаат фаворитската улога.
„Целта лани беше да го освоиме првиот пехар. Разбирливо, годинава целта е да го одбраниме трофејот. Верувам во девојките дека можеме да го направиме тоа, зошто да не? Се надевам дека целиот труд што го вложивме изминатиот период ќе се исплати“, истакна Марија Митева, капитен на МЗТСкопје.
Капитенот на Вардар, Симона Деловска, очекува неизвесни натпревари на оваа куп-завршница и дека вложениот труд ќе донесе позитивен резултат за „црвено-црните“.
„Со оглед на тоа дека, во меѓувреме, сите екипи се засилија, навистина не знаеме што може да очекуваме. Фокусот ни е на полуфиналето, во кое ќе го дадеме максимумот. Верувам дека трудот што го вложивме во тренажниот процес ќе донесе резултат“, истакна Деловка.
Во првото полуфинале на денешната програма, со почеток во 16 часот силите ќе ги одмерат Баскет Кам и Крива Паланка. Баскет кам по четврти пат во серија е учесник на завршниот турнир, оваа екипа има два трофеи во ова натпреварување и важи за фаворит во денешното полуфинале.
„Можам да кажам дека нé очекува возбудлив кошаркарски викенд. Пред се поради квалитетот на самите екипи кои што ќе се натпреваруваат, а сето тоа носи и многу неизвесни натпревари. Ние сме подготвени и премногу мотивирани да покажеме најдобра игра. И се надевам тоа ќе ги го донесе она што го посакуваме, а тоа е трофејот“, – посакува Катерина Поп Димитровска, капитенот на екипата од Македонска Каменица.
Капитенот на Крива Паланка, Михаела Алексовска, верува во добро издание на својата екипа на денешниот дуел.
„Најпрвин да им посакувам среќа на сите екипи. Сигурна сум дека сите натпревари ќе бидат одлични за гледање. Но, јас верувам во нашиот тим и сигурно е дека ќе го дадеме максимумот за зошто подобар успех“ – истакнува македонската репрезентативка пред дуелот со доста добро познатиот ривал.
КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“ 2024 – ЖЕНИ
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ
2.МАРТ (САБОТА)
ПОЛУФИНАЛЕ
16.00: Баскет кам 20111 – Крива Паланка
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/WZbcg3gM57o?si=wRq97bu_4syNndVC
18.30: Вардар – МЗТ Скопје Аеродром
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/SLRrBEyPaSQ?si=SoOXvJkM-dBKrJgc
3.МАРТ (НЕДЕЛА)
16.15: ФИНАЛЕ (пренос МРТ3)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА