Да беше вака во Македонија: Газда на клуб заглави во затвор за долгови кон играчите!

Долгувањата на спортските колективи кон играчите се вообичаена пракса не само во Македонија, туку и ширум Европа и светот, но никој досега се нема решено за чекор како Судот во Малезија, кој реши да затвори еден газда на клуб се додека не ги врати парите што ги должи на фудбалерите.

Станува збор за првиот човек на Куантан ФА, кој подолго време ги лажел фудбалерите за долговите од над 1,25 милиони долари кои датираат уште од сезоната 2018/19. Играчите се решиле за колективна тужба во јануари 2022 година, за две години подоцна Врховиот Суд да пресуди затворска казна за претседателот, кој ќе може да излезе на слобода дури откако ќе ја исплати целата сума.

„Луѓето кои веруваат во принципите на добро раководење ќе бидат воодушевени од оваа казна. На газдата очигледно не му било важно да ги почитува договорите што ги потпишал, не сакаше да ги исполни обврските, па казната беше неопходна“, изјави претседателот на Синдикатот на Фудбалери во Малезија, Ижам Исмаил.

Човек да се запраша што би било кога вакви работи би почнале да се случуваат и во Македонија, ако се знае дека клубовите најчесто се финансираат со пари на народот (од државата преку ваучер-систем и од општинска распределба на средства), а дел од челниците сепак речиси секоја година ја завршуваат со долгови.

Се вчитува...