По завршниот турнир од Купот на Македонија и репрезентативната пауза, прволигашката кошарка продолжи со дерби дуелот на 18. коло во кое ТФТ го совлада вицешампионот Пелистер со резултат 77-66. Тимот од скопско Тафталиџе покажа повеќе на теренот, знаеше како да се одлепи резултатски и потоа да ја одржи предноста, додека за битолчани ова беше ново разочарување, по минималниот пораз од МЗТ во финалето од Купот на Македонија.
„Пелистерци“ беа подобар противник во првата четвртина, но ја завршија со само три поени предност по тројката на домашниот кошаркар Луис (19-22). ТФТ заигра далеку подобор од стартот на втората четвртина, во која се водеше израмнета битка како најава за фуриозното второ полуверме на тимот предводен од Боро Смилковски. Домаќините изненадија со одлична одбрана на стартот од третиот период, Пелистер постигна само еден поен во првите пет минути од полувремето, а ТФТ го искористи тоа за резултатски да се одлепи. Гостите за момент намалија на 42-39, но следеше нова серија на домашниот состав кој влезе во последните десет минути со предност од 51-43. Поените на Зафиров во 31. минута го донесоа и првото двоцифрено водство за ТФТ (56-46), предност што избраниците на Смилковски мајсторски ја задржаа до самиот крај, заслужено славејќи со конечни „плус единаесет“.
Луис со 17 поени беше најефикасен кај ТФТ, Хотон постигна 13 поени против својот поранешен клуб, Николов нанижа 11, а Ташовски 12 поени за победничкиот состав. Најдобар поединец кај Пелистер беше центарот Планиниќ со дабл-дабл од 21 поен и 14 скокови.
Двата тима сега се израмнети со скор 12-6 по првите 18 рунди и ќе ги очекуваат серија битки за што подобар пласман во пресрет на плејофот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА