МЗТ Скопје го загуби првиот прволигашки меч по освоениот трофеј во Купот на Македонија откако актуелниот првак вечерва во драматичен дуел беше поразен од градскиот ривал Феникс со резултат 73-69. Двата тима средбите ги играат како домаќини во „Јане Сандански“, а вечерва пред полните трибини во малата сала од овој спортски центар се радуваа тренерот Дервишевиќ и неговите избраници, кои ја заслужија победата ако се знае дека во подолг период од мечот имаа целосна контрола и над играта и над резултатот.
Феникс делуваше особено импресивно на почетокот, ако се знае дека по осум минути игра домашниот состав имаше предност од неверојатни 20-2. Серијата слаби напади на аеродромци ја прекина искусниот Бојан Крстевски, до крајот на четвртината МЗТ намали на 22-7, а потоа во вториот период за момент ја спушти разликата на 24-15. Сепак, следеше нова фуриозна серија на Феникс со која домаќините поведоа и со 20 поени предност (37-17 во 17. минута).
Домаќините делуваа импресивно на теренот се до 25. минута, кога по нивното водство од 46-28 за момент застанаа, а искусниот состав на МЗТ знаеше како да го искористи тоа. Во наредните пет минути „сино-белите“ доминираа на теренот, успевајќи да ја намалат негатиата на само еден поен (49-48). НА почетокот од четвртата четвртина со тројките на Дамјан Стојановски и на Баковиќ гостите поведоа со 51-54, имаа и 52-57, но Феникс покажа карактер и успеа да се врати. Триумфот е уште позначаен ако се знае дека во последните пет минути домаќините беа без Бојан Трајковски (пет лични грешки), но со цврста одбрана успеаја да го исфрлат од ритам актуелниот шампион. Младиот Андреј Митревски ја постигна клучната тројка со која домашниот состав се одлепи и на крајот триумфираше со заслужени 73-69.
Рис со 22 поени беше најефикасен во големата победа на Феникс, во која двоцифрени беа и Митревски со 15 и Трајковски со 12 поени. Најдобри поединци кај Феникс беа Војдан Стојановски со 18 и Дамјан Стојановски со 12 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА