Поранешниот фудбалер на Ливерпул: Ќе биде грешка доколку Челси го ангажира Мурињо

Ерата на Тод Боели на чело на Челси веќе донесе две тренерски смени, а наскоро се очекува уште една откако Маурисио Покетино потфрли во очекувањата на раководството на тимот. Аргентинскиот стратег остана без трофејот во Лига купот кој можеше да ја спаси сезоната па нема да биде изненадување доколку биде заменет наскоро.

Како можен наследник се јавува Жозе Мурињо кој е без ангажман откако доби отказ од Рома што ги отвара вратите за трет мандат на „Стемфорд Бриџ“ по успесите кои ги остври од 2004 до 2007 година и подоцна од 2013 до 2015 година.

А, додека навивачите се надеваат на враќање на „Специјалниот“, поранешниот фудбалер на Ливерпул, Стивен Ворнок не е оптимист дека новата соработка ќе вроди плод.

„Мислам дека треба да гледаат на иднината. Трето враќање ќе биде неверојатно за него како некој поглед на носталгија, но мислам дека не би се вклопил сега. Тој период помина, тоа е историја. Дали неговиот стил ќе му помогне на овој тим? Можеби, можеби ќе има влијание, но мислам дека Покетино треба да добие шанса да продолжи со работата“, вели Ворнок.

Мурињо со Челси освои три титули во Премиерлигата, три во Лига купот и по една во ФА Купот и Комјунити шилдот.

Се вчитува...