Хрватите носат странски судии за клучните битки за титулата

Битката за титулата во Хрватска се разгорува, а притисокот врз судиите и повлекувањето на првиот човек на Судиската организација, Бруно Мариќ, ги натера челниците на федерацијата на неочекуван потег – ангажман на странски арбитри за клучните натпревари во битката за трофејот.

Ријека моментно е првопласирана со еден бод предност во однос на Хајдук, додека Динамо Загреб заостанува пет бода, но има и меч помалку од ривалите за највисок пласман. Поради ова, донесена е одлука клучните средби меѓу Ријека и Хајдук, Ријека и Динамо, како и дербито во Сплит меѓу Хајдук и Динамо да ги судат арбитри надвор од Хрватска.

Шпекулациите на оваа тема се појавија пред повеќе од една седмица, за денеска да пристигне и официјална потврда од хрватска куќа на фудбалот.

„Точно е, наша намера да да делегираме судии од елитната група на УЕФА. Ова ќе се однесува само за натпреварите меѓу клубовите кои се борат за титулата. Во следните денови ќе објавиме повеќе детали на оваа тема“, истакнаа од Хрватската Фудбалска Федерација.

Се вчитува...