Солскјер открива: Јунајтед два пати ме одби за трансфер на Халанд, можевме да го имаме и Белингем

Играчката легенда на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер помина три години на клупата на „црвените ѓаволи“, период во кој неговиот тим не успеа да се прослави, а како што открива новершкиот стратег пропуштил можност да ги доведе и денеска едни од најдобрите фудбалери, Ерлинг Халанд и Џуд Белингем.

На подкастот на „Скај Спортс“ Солскјер откри како два пати го молел раководството на Манчестер Јунајтед да го ангажира Халанд, но бил одбиен.

„Две сезони го тренирав во Молде. Летото пред да потпишам за тренер на Јунајтед ги побарав луѓето од клубот и им кажав „Морате да го купите малиов ќе биде врвна класа“. Тоа беше во јуни 2018 година. Ме одбија со зборовите „Не, имаме доволно извештај за играчот“.

Тогаш дојдов во Јунајтед, а Молде го продаде Халанд во Салцбург за осум милиони евра. Тогаш лично отидов до управата и им кажам веднаш да го купиме бидејќи има откупна клаузула од 20 милиони евра. Повеќе отколку што ќе платевме доколку ме послушаа година порано, но и понатаму тоа е „ситниш“ за играч како него. Верувам дека Халанд тогаш ќе дојдеше во Јунајтед бидејќи нe играше во Салцбург неколку месеци. Јунајтед тогаш повторно ме одби. Првата понуда ја пратија кога Халанд почна да постигнува голови, но тогаш беше прекасно“, вели Солскјер.

Манчестер Јунајтед можел да има и пеколно дуо со тоа што бил и блиску до потпис со Џуд Белингем, но англискиот клуб не можел да му ја понуди на тогаш 17-годишникот минутажата која ја барал.

„Џуд беше на нашиот тренинг камп. Тогаш бевме таму Фергусон, Робсон, Кантона и јас. Сите разговаравме со него и најдобро го претставивме клубот. Тој знаеше што сака. Бараше да има загарантиран број на минути во првиот тим. Тогаш имаше 17 години и беше најзрелиот 17-годишник кој сум го видел во животот. Се имаше испланирано“.

Се вчитува...