Саутгејт по ЕВРО 2024 седнува на клупата на Манчестер Јунајтед?!

Герет Саутгејт е најновото тренерско име што се поврзува со клупата на Манчестер Јунајтед по завршувањето на оваа сезона, откако актуелниот англиски селектор покажал интерес за амбициозен клупски проект по завршувањето на ЕВРО 2024.

Тој ќе го води „гордиот албион“ на претстојниот репрезентативен собир, што најверојатно ќе биде и негово последно големо натпреварување како предводник на англискиот национален тим. Договорот на Саутгејт истекува во декември годинава, челниците на ФА веќе му понудиле продолжување на соработката, но тој би сакал да се пресели во клупскиот фудбал од наредната сезона.

Манчестер Јунајтед делува како идеална опција за него, откако новиот косопственик Џим Ретклиф најави дека планира „целосен ремонт“ на гигантот од „Олд Трафорд“. За нов претседател пристигна Омар Берада од Манчестер Сити, а во завршна фаза се преговорите со Њукасл за откуп на договорот на Ден Ешворт како нов директор на Јунајтед.

Заеднички впечаток на сите во клубот е дека Саутгејт поседува и искуство и квалитет за да одговори на предизвикот да се обиде да го приближи Јунајтед при врвот на премиерлигашката табела веќе од следната сезона, а потоа за две до три години и овој клуб повторно да се бори за титулата во Англија. Преговорите се уште не се стартувани бидејќи се чека именувањето на Ешворт, по што ќе биде испратена и официјална понуда до актуелниот селектор.

Доколку не биде постигнат договор со Саутгејт, план Б е Де Зерби од Брајтон, а како опции се споменуваат и Грем Потер, Рубен Аморим и Томас Тухел.

Се вчитува...