Со огромен восхит сите навивачи на Црвена Звезда, но и љубители на поранешниот југословенски фудбал, гледаат на најдобриот македонски фудбалер во историјата Дарко Панчев.
Затоа, очигледно е дека и сега, по 27 години од крајот на играчката кариера, Дарко е еден од омилените соговорници за медиумите кога е фудбалот во прашање. Македонецот засекогаш е запишан во историјата на поранешна Југославија како најмлад голгетер на лигата, со 18 години во дресот на Вардар, за да во сезоната 1990/91 дојде и до европската „Златна копачка“.
Панчев сега за „Спортски журнал“, заедно со уште една легенда на македонскиот фудбал, Митко Стојковски, го најавуваат вечното дерби меѓу Црвена Звезда и Партизан кое се игра викендов.
Дарко во кариерата имаше десет „вечни дербија“ со постигнати четири гола и само еден пораз…
„Факт е дека не им ‘лежев’ на дефанзивците на Партизан. Очигледно имаа проблем“ – низ смеа коментира Панчев, и дополнува:
„Тешко е да се прогнозира исходот за утрешното 172. дерби. Ц. Звезда е можеби фаворит поради домашниот терен, но Партизан игра навистина добро сезонава, екипата одлично функционира. Не би давал предност никому. Не верувам дека дербито ќе го одлучи шампионот, има уште многу натпревари до крај. Секако, сакам Маракана да остане неосвоива и да биде добар натпревар“.
Митко Стојковски, пак, засекогаш ќе остане запаметен меѓу „Делиите“ како момчето кое го реши 100. дерби на 6. мај 1995 година, кога Црвена Звезда со неговиот гол во 85. минута славеше со 2-1. Претходно, Митко, изнуди и пенал за израмнување на дуелот.
„За мене тоа беше можеби најважниот меч во кариерата. Поголемиот дел од мечот го одиграв на позицијата либеро. Партизан доминираше. Имаше Бјековиќ зицер и за 0-2, а да постигнеше гол тешко дека ќе се спасевме. Чурчиќ играше извонредно, но беше заменет по што Љупко Петровиќ мене ме префрли на лев бек. Бајчетиќ ми додаде убава топка пред пеналот, а Савељиќ задоцни и ме собори. За вториот гол убаво ја следев акцијата, натрчав на време, едноставно како Бог да ме прати на тоа место, во стил на напаѓачите, токму како Дарко Панчев“ – се потсетува Митко Стојковски на мечот од пред 29 години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА