Екипата на Штутгарт го продолжи договорот со тренерот Себастијан Хенес до 2027 година, со што е ставен крај на сите шпекулации дека на крајот на сезоната ќе си замине од клубот.
За него има интерес од Баер Леверкузен и од Баерн Минхен, но Хенес засега не размислува за напуштање на тимот, со кого прави чуда оваа сезона, и му „дише во врат“ на второпласираниот Баерн, а блиску е да избори место во Лигата на шампионите.
Хенес пристигна во Штутгарт во април минатата година, успеа најпрво да обезбеди опстанок, а сезонава да им пркоси на гигантите. Го елиминираше тимот на Борусија Дортмунд во Купот, го совлада и во првенството. Во моментов тимот е на третото место со 50 бодови, а во 32 меча, Хенес има освоено 62 бода.
За 41-годишниот тренер интерес пројави Баер Леверкузен како замена за Чаби Алонсо, кој речиси сигурно заминува по крајот на сезоната, како и Баерн Минхен кој ќе остане без предводник по разделбата со Томас Тухел на крајот на сезоната.
„За мене Штутгарт е посебен клуб. Уште од мал седев тука и навивав за клубот. Го носев овој дрес како младинец, станав шампион со младинците до 17 години. Ова е нешто посебно. Задоволен сум што предвреме го продолжив договорот. Нашата цел е да го пласираме тимот во горниот дел на табелата. Сега целиот фокус ќе го насочиме кон финишот на сезоната, каде се бориме за пласман во Лигата на шампионите“, изјави Хенес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА