Македонските одбојкари ќе водат битка со Грција и Грузија во квалификациите за ЕП 2026

Македонија ја доби Грција за противник на двете сениорски одбојкарски репрезентации на патот до Европските првенства во 2026 година. Мажите ќе играат и со Грузија за четврти континентален настап едноподруго, а дамите и против Австрија во обидот првпат да конкурираат за влез на еврошампионат.

Овој пат ЦЕВ реши групите да ги формира според рејтингот, што значи дека немаше ждрепка, а со оглед дека 21 репрезентација се дел од квалификациите, има седум групи со по три национални состави. Виза за европските првенства ќе обезбедат првопласираните седум и петте најдобровторопласирани селекции.

Термините за вкупно шестте натпревари се во август оваа година и истиот месец во 2025 година, а македонските селекции тогаш ќе одиграат по два меча. Одбојкарите ќе почнат на гостување против Грузија на 17-ти или 18-ти август, а на 24-ти или на 25-ти ќе ја пречекаат Грција. Следната година ќе одиме кај јужниот сосед на 13-ти август по што на 16-ти или на 17-ти ќе и бидеме домаќин на Грузија. Дамите, пак, квалификациите ќе ги почнат на свој терен со Австрија на 17-ти и на 18-ти август, а на 28-ми или на 29-ти ќе сервираат во Грција. Натпреварот со Гркинките дома ќе биде на 2-ри или на 3-ти август 2025-та, а против Австрија на гости на 9-ти или на 10-ти истиот месец.

Знаејќи дека беа осминафиналисти на последното Европско првенство 2023 организирано и од Македонија со победи над Данска и над Црна Гора, на пласманот на ЕП 2021 во Финска со победа против моќната Турција, а на дебито во Љубљана во 2019-та ги совладаа Словенија и Белорусија, нашите одбојкари имаат голема шанса да го продолжат учеството на големата евросцена. Ова е објективна оценка иако со Грција немаме позитивен биланс, а со Грузија забележавме победа во претквалификациите во Струмица пред точно десет години.

Одбојкарките, пак, се уште се во улога на градење на сениорскиот тим, којшто лани играше во Европската сребрена лига и загуби во двата меча против Австрија.

Квалифинации за ЕП 2026 (мажи) – Романија, Бугарија

Група Ф: МАКЕДОНИЈА, Грција, Грузија

Грузија – МАКЕДОНИЈА (17/18-ти август 2024)

МАКЕДОНИЈА – Грција (24/25-ти август 2024)

Грција – Грузија (28/29-ти август 2024)

Грузија – Грција (9/10-ти август 2025)

Грција – МАКЕДОНИЈА (13-ти август 2025)

МАКЕДОНИЈА – Грузија (16/17-ти август)

———————————————————————————————

Квалификации за ЕП 2026 (жени) – Чешка, Шведска, Турција

Група Еф: МАКЕДОНИЈА, Грција, Австрија

МАКЕДОНИЈА – Австрија (17/18-ти август 2024)

Австрија – Грција (24/25-ти август 2024)

Грција – МАКЕДОНИЈА (28/29-ти август 2024)

МАКЕДОНИЈА – Грција (2-ри/3-ти август 2025)

Грција – Австрија (6-ти август 2025)

Австрија – МАКЕДОНИЈА (9/10-ти август 2025)

Се вчитува...