Екипата на Милан ја стабилизираше формата, но италијанскиот гигант се соочува со нова сериозна опасност по најновата истрага на властите против „росонерите“. Претставници на финансиската полиција вчера извршија претрес во клупските простории на „црвено-црните“ од Милано, собирајќи документација за новиот судски процес што се подготвува против овој клуб.
Како што јавија италијанските медиуми, во центарот на истрагата се директорите Џорџо Фурлани и Иван Газидис и нивното однесување за време и по купопродажбата на клубот извршена во август 2022 година. Газидис е поранешен претседател на Милан, на чие место дојде токму Фурлани, а двајцата се под сомнеж за прикривање докази околу детали од купопродажниот процес, нешто што било побарано од страна на Италијанската Фудбалска Федерација, но документите никогаш не биле испратени од страна на водечките луѓе во клубот.
Информациите од Италија говорат дека и федерацијата ќе поднесе пријава против Милан, за прекршување на членот 32.5 што се однесува на недоставување на документи побарани од страна на официјалните федерации и спортски тела. За ваквиот престап следат различни казни, најниската е парична санкција, но лесно може да дојде до одземање на бодови од табелата, нешто што медиумите го најавуваат за овој процес против „росонерите“.
Целата ситуација будно ја следат и од УЕФА, подготвени дополнително да го казнат италијанскиот клуб доколку биде прогласен за виновeн за престапот. Згора на тоа, газдите на Милан имаат значителен пакет од акциите во француски Лил, па според правилата на УЕФА може да дојде до судир на интереси и еден од клубовите да добие забрана за настап во европските натпреварувања. Бидејќи за Милан постои истрага и за друг вид на престап во работењето, италијанскиот тим би можел да биде санкциониран и во следната сезона да не биде дел од европските купови, што сигурно би оставило сериозни последици и за буџетот за наредните неколку години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА