МЗТ Скопје поднесе официјална жалба до соодветните структури во федерацијата откако екипата на актуелниот шампион на Македонија беше нападната на паузата меѓу двете полувремиња на вечерашниот дуел со Чаир.
„Металците“ одбија да го доиграат мечот стравувајќи за сопствената сигурност, а во официјалната жалба е наведено и дека физички нападнат бил еден од помошните тренери.
„За време на полувремето, при напуштање на терен кон соблекувална сите играчи и членови на стручниот штаб беа вербално нападнати од неслужбено лице со закани по физичко здравје. На пат кон соблекувалната физички нападнат беше член на стручниот штаб. Тој бил удрен неколку пати пред да успее да влезе во соблекувалната“, се вели во жалбата поднесена до федерацијата.
Хаосот не престанал тука, бидејќи експресно потоа во соблекувалната влетале неколку лица, меѓу нив и службени претставници на домашниот тим.
„Нападот продолжи и откако екипата влезе во соблекувалната. Неколку лица меѓу кои и службени претставници на екипата на Чаир влегуваат во гостинската соблекувална и упатуваат закани кон целиот тим на МЗТ Скопје, на раб на физички напад“, обелоденуваат аеродромци.
На потег сега е федерацијата и Комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ, кој ќе треба да донесе одлука по оваа жалба.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА